ИЗГРАДЕНИ СООБРАЌАЈНИ ОСТРОВИ И ЗАШТИТНА ОГРАДА НА БУЛЕВАРОТ ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕДИ

10.03.2017 година

За да се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, екипите на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ изградија сообраќајни острови по должината на булеварот Партизански одреди, и тоа на вкрстувањето на овој булевар со улицата Аминта Трети, кај Порта Буњаковец и на вкрстувањето на булеварот со улицата Костурски херои, спроти Конгресниот центар Александар Македонски.

При изградбата на сообраќајните острови целосно се реконструирани двете  крстосници, поместени се семафорските темели и шахти, извршена е  демонтажа на семафорските столбови и репрограмирање на светлосните сигнали. Исто така, обележана е хоризонталната сигнализација - пешачки премини и велосипедски патеки на двете локации и поставени се соодветни сообраќајни знаци.

Претходно, на овие две локации постоеја по два пешачки премина на кратко растојание кои беа искосени, особено на вкрстувањето на булеварот Партизански одреди со улицата Костурски херои. За да се зголеми безбедноста на пешаците, на двете локации сега е формиран по еден поширок пешачки премин.

Дополнително, на пешачкиот премин преку булеварот Партизански одреди на вкрстувањето со улицата Костурски херои е поставена ограда со двојна функција - да ги заштитува и да ги насочува пешаците да преминуваат во права линија на пешачкиот премин, зашто сообраќајните острови од двете страни на булеварот се асиметрични поради природната косина на улиците.

За реализација на овој проект Градот Скопје има согласност и од Министерството за внатрешни работи.

 

aa_ostrovi